КАКО ДА НАПРАВИТЕ ПЛАН ЗА ЗАШТЕДА НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА?
Направете анализа на потрошувачката по сезони
Дознајте кои уреди во домот трошат најмногу енергија
Развијте го планот со комбинација од мерки, со и без инвестиција
Спроведувајте го планот, по потреба коригирајте го и надградувајте го
Како да заштедиме електрична енергија и да имаме пониски сметки?
За почеток, мораме да пресметаме колку трошат апаратите во домот и да направиме план за штедење. Планот треба да вклучува повеќе мерки со или без вложување. Со постојано внимавање можеме да постигнеме големи заштеди и да останеме во пониските тарифни блокови.
Планот на заштеда започнува со анализа на потрошувачката на уредите во домот како и идентификување на историјата на потрошувачката по сезони. Продолжува со мерење или проценка на потрошувачката на апаратите во домот, развивање на мерки, со и без инвестиција, како и спроведување, коригирање и надоградување на истиот.
Мерење или проценка на потрошувачката на апаратите во домот може да се реализира на два начини, со уред што ќе ја измери потрошувачката на секој од апаратите или да се прочита моќноста на уредот од упатството/прирачникот за користење.
Со утврдување на најголемите потрошувачи во домот понатаму е веќе полесно да се развие план за штедење, кој може да содржи комбинација од мерки за рационално користење на уредите, адаптирање според тарифникот за енергија (користење на апарати во ниска тарифа) како и инвестиции за заштеда.
Планот треба да се прилагоди на расположливиот буџет и на местото каде што има најголем потенцијал за заштеда - кај најнеефикасните и најголемите потрошувачи да се воведат најсериозни мерки. Доколку планот вклучува инвестиции, истите не треба да бидат еднократни, туку постепени. Инвестициите исто така треба да се распределат по приоритет.
Планот треба да го спроведуваат сите членови на домаќинството и по потреба да се корегира и надополнува за да се постигнат максимални заштеди.